Таксисти, консултанти, угостители, па дури и стечајни управници се само дел од оние кои се најдоа на списокот на Централниот регистер, кој ја почна постапката за бришење на неактивните друштва. Ги има најразлични дејности и видови - сендвичарници, продавници, трговци поединци, друштва со ограничена одговорност... Сите тие се објавени на официјалната веб-страница на Централниот регистар на подолга листа на правни лица кои се неактивни, односно не ги потврдиле нивните податоци при задолжителната пререгистрација на фирмите од хартиена во електронска форма. На овој список има околу 5.500 друштва, односно субјекти. Тој објаснува дека по објавувањето почнува да тече рокот кога сите заинтересирани поединци, било да станува збор за сопствениците или доверители, можат да се произнесат за натамошната судбина на друштвата.
Таксисти, консултанти, угостители, па дури и стечајни управници се само дел од оние кои се најдоа на списокот на Централниот регистер, кој ја почна постапката за бришење на неактивните друштва.
Ги има најразлични дејности и видови - сендвичарници, продавници, трговци поединци, друштва со ограничена одговорност...
Сите тие се објавени на официјалната веб-страница на Централниот регистар на подолга листа на правни лица кои се неактивни, односно не ги потврдиле нивните податоци при задолжителната пререгистрација на фирмите од хартиена во електронска форма.
„На овој список има околу 5.500 друштва, односно субјекти“, вели директорот на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски. Тој објаснува дека по објавувањето почнува да тече рокот кога сите заинтересирани поединци, било да станува збор за сопствениците или доверители, можат да се произнесат за натамошната судбина на друштвата.
„Централниот регистар ги повикува доверителите и лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на друштвата, односно субјектите, во наредните 30 дена да поднесат предлози за ликвидација или за стечај“, објаснуваат во Централниот регистар и додаваат дека без оглед на опцијата што ќе биде избрана треба да се извести оваа институција во која се сконцентрирани сите информации за правните лица во нашата земја.
Доколку во овој период до Регистарот не стигне известување дека има поднесено предлог за ликвидација, односно за стечај на друштвото, тоа ќе биде избришано од евиденцијата на Централниот регистар, појаснуваат од оваа институција.
Со ова почна практичното спроведување на акцијата на бришење на неактивните друштва, кои според процените ги има околу 30 илјади и кои создаваат искривена слика за целокупната економија, но им создаваат проблеми како на нивните сопственици така и на институциите кои ги задолжуваат со разни обврски (како фирмарина, радиодифузна такса и слично), а кои не можат да се наплатат. Во неодамнешното интервју за „Утрински весник“, првиот човек на Централниот регистар, Ванчо Костадиновски, објасни дека ваквите фирми пречат поради тоа што постојат во евиденцијата и во сите статистички анализи.
„Се доаѓа до нејасна слика во делот на индикаторите кои нешто значат за правење анализи во стопанството. Но, и поради самите компании и нивните сопственици, бидејќи според други закони, на пример според Законот за комунални такси, општините мора да ги задолжуваат, им праќаат сметки, извршни решенија итн. Тие се ненаплатливи, некои од лицата дури и заборавиле дека имаат компании...“, вели Костадиновски.
Инаку, Управата за јавни приходи за сите друштва кои влегуваат во постапката на бришење, прави контрола дали имале некоја трансакција или не, односно треба да утврди дали навистина не биле активни.
Во случај да се поведе постапка на ликвидација, односно стечај, следува рок од 60 дена во кој до Централниот регистар треба да се достави соодветна пријава за таквата постапка, односно решение од судот за стечајна постапка.
Доколку, пак, почне да се применува постапката за автоматско бришење на друштвата, во наредната година ќе треба да се пристапи кон распределба на имотот кој ќе се најде во друштвото, односно доколку тоа не се стори, паричните средства, ако ги има на сметката, ќе бидат префрлени во буџетот на РМ, а имотот исто така ќе биде во сопственост на РМ.
Откако ќе завршат сите овие активности за бришење на неактивните фирми, во Регистарот на трговски друштва се очекува да има 70-80 илјади компании, наместо 103 илјади, колку што ги има сега.